Вчерашниот напад на Хамас врз Израел (сабота, 7 октомври) беше шокантен, изненадувајќи ги израелските разузнавачки сили и воениот естаблишмент, меѓутоа не треба да бидеме воопшто изненадени. Тоа е директна последица на засилената репресија врз Палестинците промовирана од Нетанјаху, кој ја предводи најдесничарската реакционерна влада во историјата на Израел.
[Source]
Во нападот беа лансирани илјадници ракети од Газа, при што десетици го пробија израелскиот противракетен одбранбен систем „Железна купола“, додека стотици борци на Хамас се втурнаа низ најчуваната гранична ограда во светот, за да ги нападнат пограничните градови и воените бази на израелска почва. Ова резултираше со стотици израелски жртви (над 600 убиени и 2.000 повредени во времето на пишувањето). Борбите се уште траат повеќе од 24 часа по првичниот напад во најмалку осум од 22 мети преземени од палестинските командоси. Нови командоси влегуваат во Израел од Газа, при што десетици израелски војници и цивили се заробени и донесени во Газа. Борците на Хамас прегазија воена база, уништија израелски тенкови и друга воена опрема и запленија воени возила, заробувајќи израелски воени команданти, меѓу кои наводно е и Нимрод Алони, генерал-мајор на Израелските одбранбени сили (ИДФ). Ова е досега невидено.
Израелската држава е понижена и нејзиниот одговор ќе биде брутален. Нетанјаху прогласи „воена состојба“ и врши одмазднички бомбардирања, во кои веќе загинаа повеќе од 300 Палестинци, а 1.600 беа повредени. Израел веднаш го прекина снабдувањето со електрична енергија во Појасот Газа, со тешки последици за 2,1 милиони Палестинци кои живеат таму, и поткопувајќи ја и онака кревката инфраструктура и здравствениот систем, кои веќе се блиску до колапс.
Лицемерието на Западните империјалистички влади
Лидерите на Западните империјалистички влади сега зборуваат за „правото на Израел да се брани“. Бајден, Макрон и реформистичките лидери како Стармер во Британија, во лицемерен хор, го осудија нападот врз Израел, но погодно молчеа со децении пред израелската бруталност.
Сите тие го игнорираат фактот дека, под циничното набљудување на Нетанјаху, насилството на екстремно десничарските еврејски доселеници на Западниот Брег и Источен Ерусалим врз палестинските населби експоненцијално ескалира, поттикнато од гарантираната неказнивост и отвореното или прикриеното соучесништво на израелските безбедносни сили. Обидите на палестинската младина да и се спротивстави на окупацијата беа дочекани со непропорционално и систематско смртоносно насилство од страна на ИДФ, со бескрајна низа напади и насочени атентати, кои кулминираа со бруталниот напад врз бегалскиот камп Џенин во јули. Сето ова, додека вооружените доселеници го загрозуваат палестинското население. Илјадници палестински млади, многумина од нив малолетни, од Западниот Брег, Источен Ерусалим и од самиот Израел, се уапсени и лежат во затвор без судење. А сепак, колку од доселениците одговорни за овие злосторства се уапсени?
Израел е во политички ќор-сокак од почетокот на 2023 година, потресен од масовните протести на стотици илјади против судските реформи на Нетанјаху и длабоките поделби во самата ционистичка владејачка класа. Последниот обид на Нетанјаху за сопствениот политички опстанок му даде невидена можност на еврејското расистичко, екстремно десничарско крило на Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, да излезе на светлина и да се искачи на позиции на моќ во израелската држава. Нивната програма е да предизвикаат „нова Накба“ (имитирајќи го масовното етничко чистење на палестинското население што доведе до прогласување на Израел во 1948 година), со анексија на Западниот Брег, Источен Ерусалим, Голанската висорамнина и Газа и протерување на целокупното палестинско население.
Нетанјаху – и поддржувачите на ционистичката дистопија во која цел народ е потиснат и етнички исчистен од сопствената земја, додека се обидуваат да го изолираат Израел од последиците на неговиот жесток режим на окупација – се виновни за сегашната ескалација. Не можете да ги негирате основните демократски права на еден цел народ, да го пристискате и угнетувате, да одземате сè повеќе од нивната земја и куќи, да пукате во нив, да ги апсите, да ги мачите, континуирано да ги осиромашувате, без порано или подоцна да предизвикате моќна реакција.
Упадот, пред само неколку дена, во комплексот Ал Акса во Ерусалим од страна на толпа од стотици еврејски расисти, чија декларирана цел е да ја срушат џамијата и да ја заменат со еврејски храм, беше намерна провокација. Џамијата Ал-Акса се смета за третото најсвето религиозно место во исламот, и затоа нејзиното преземање од страна на екстремните расистички ционисти се смета за навреда. Оваа акција беше помогната и заштитена од израелските полициски сили. Сквернавењето на светото место даде непосредно оправдување за сегашниот напад, започнат неколку дена подоцна од Хамас. Ова беше намерно прикриено од меѓународните медиуми во обид да се фокусира вината на „лудото палестинско насилство“.
Интересно е да се забележи известувањето на Би-Би-Си, на пример, кој го најави ракетниот напад од Хамас без да ја објасни позадината, вклучително и постојаните провокации кои мораше да ги трпи палестинскиот народ. Тие, исто така, известуваат многу помалку за физичките напади врз Палестинците од страна на доселениците на Западниот Брег и Источен Ерусалим, а претпочитаат да го скријат под тепих фактот дека пред настаните во изминатите два дена, само оваа година беа убиени над 200 Палестинци.
Оние кои зборуваат за „палестински тероризам“ би било добро да запомнат дека, кога Палестинците започнаа мирно движење на масовен отпор во 2018 година, познато како Големиот марш на враќањето, израелската држава одговори со отворање оган со боева муниција, убивајќи стотици невооружени демонстранти, од кои 46 малолетни. Истите луѓе кои денес зборуваат за „тероризам“ молчеа за време на „Операцијата Леано олово“ во 2008-09 година, кога Израел уби 1.391 Палестинци, вклучително и 318 малолетници, уништи повеќе од 3.500 домови, оставајќи десетици илјади без засолниште и предизвика хаос врз други структури и клучни инфраструктурни објекти во Газа. Тие молчеа за време на „Операцијата Заштитен раб“ во 2014 година, во која Израел уби 2.203 Палестинци, од кои 1.372 не учествуваа во борбите, вклучувајќи и 528 малолетници, и уништија или сериозно оштетија повеќе од 18.000 домови, оставајќи повеќе од 100.000 Палестинци без домови. Ова се само некои неодамнешни примери.
Ова не потсетува на она што Карл Маркс го напиша во „Граѓанската војна во Франција“:
„Целиот хор на клевета, кој Партијата на Поредокот (Comite de la rue de Poitiers) никогаш не ја издава, во нивните крвави оргии, се подигнува против нејзините жртви. Тоа покажува дека денешната буржоазија себеси се гледа за легитимен наследник на баронот од минатото кој сметаше дека оружје во неговите раце е оправдано против плебејците, додека оружјето во рацете на плебејците за било која причина е криминал“
Ја опишуваат ситуацијата како конфликт помеѓу две еднакви сили. Тоа воопшто не е точно затоа што станува збор за конфликт во кој од една страна имаме силна и агресивна империјалистичка држава, а од другата страна опресиран народ којшто се бори за сопственото право на држава и нација.
Израелското раководство ги оправдува своите дела како „акт на самоодбрана“, цитирајќи ја библијата: „око за око, заб за заб, живот за живот“. Тоа ни малку не е точно. За една израелска жртва ќе гледаме стотици убиени Палестинци. Така ќе биде и овој пат. Израелците ќе ја бараат најкрвавата одмазда за овој пораз и понижување. Масакрот само што започна.
Израелските одбранбени сили (Israeli Defence Forces, IDF) прераспределија десетици илјадници војници околу границата на Газа во обид да ги неутрализираат палестинските командоси и повторно да воспостават контрола, но испаѓа потешко од што изгледа. Нетанјаху се заканува со „голема одмазда“ да ја опустоши Газа. Така што едно сценарио би било копнена инвазија на Газа при обид за уништување на Хамас. Резултат на ваквото сценарио би биле уште илјадници невини човечки жртви.
На северната граница со Либан, можноста Хезболах да започне нов фронт е загрижувачка за израелските воени стратези. Хезболах отвори ракетен напад на регионот на фармите Шиба – завојувана територија помеѓу двете држави, а окупирана од Израел. Пресметаниот одговор на Израел беше доволен за да не излезе ситуацијата надвор од контрола. Исто така и Хезболах не се чувствуваат доволно спремни, но тоа би можело да се промени доколку Израел изврши копнена инвазија на Газа.
Едно е сигурно, Израел е способен да ја срамни Газа со земјата, како што и правеа претходно, но овој пат нема да ја окупира. Одлуката на Ариел Шерон во 2005 да се повлече од Газа, како и инвазијата во 2014 покажуваат дека е невозможно да се окупираат 2 милиони Палестинци само со воени дејствија.
Конфликтот докажува дека палестинското раководство (после договорот во Осло во 1993 година) премина од револуционерната Палестинска Ослободителна Организација (Palestine Liberation Organisation, PLO) во нејзина бледа и сервилна копија. Поразителен е фактот што претседателот на Палестина – Абас ја осудува улогата на Израел во моменталниот конфликт, додека соработува со Израел за деескалација на револтот на палестинската младина во Западниот Брег.
Сплотеноста и соработката на Нетанјаху и неговата опозиција меѓу кои и неговите најголеми непријатели Јаир Лапид и Бени Ганц, сепак, не можат да прогледаат низ прсти на разликите меѓу израелската владеачка класа. Ваквата навидум сплотеност набрзо ќе се распадни со расплетот на конфликтот. Како и да е, капитулцијата на израелската опозиција укажува дека кога станува збор за палестинскиот конфликт и окупација, разликите помеѓу Ционистичката десница и „левица“ се непостоечки.
Империјализмот на САД и ционистите се еднакво виновни
Претседателот на САД, Бајден го поддржа Израел нудејќи им се’ што им е потребно. Надополнувајќи дека неговата администрација силно ја поддржува и се залага за безбедноста на Израел и секако дека не спомна ништо за правото на Палестинците да се спротивстават на израелската окупација. Бајден плови низ немирни води, знаејќи дека поддршката за ционистите во САД е опадната како резултат на еврејските расистички политки на Нетанјаху. Како и да е, ништо друго и не се очекува од страна на Бајден, ако се знае дека САД вложува во израелската војска 3,6 милијарди долари годишно. За империјализмот на САД, Израел е едиствениот нивен гарантиран сојузник на Блискиот Исток и затоа секогаш ќе застанат на страната на ционистите.
За конфликтот САД е исто толку виновен колку ционистите и Нетанјаху. Бранејќи го Израел како бастион на демократијата (главна алатка за ширење на империјализмот на САД на Блискиот Исток).
Благата критика на Бајден кон Нетанјаху последниве години беше насочена кон неговите политики за разнишување на кршливата стабилност во регионот и надворешната поддршка за Израел.
Овој конфликт ќе го расипе обидот на Бајден да иницира преговори помеѓу Израел и саудиската монархија. Овој договор, како и Аврамските преговори и идејата за нормализирање на односите помеѓу Израел и арапскиот свет за сега пропаѓаат во вода.
При израелската инвазија на Газа, можниот пад на палестинскиот државен апарат и последователна окупација на Западниот Брег, ќе настане хаос во Блискиот Исток. Тоа сигурно ги загрижува империјалистичките стратези во Вашингтон затоа што оваа ситуација е подлога за револуционерни аспирации и социјална нестабилност.
Посветеноста и организирањето на палестинската младина која последниве две години покажа и создаде нова генерација на отпор, ни укажува на илузијата за мирна спогодба помеѓу Израел и Палестина.
Нападот на Хамас можеби беше поттик за подлабока криза, но оваа криза веќе беше во тек. Всушност, тактиката на Хамас да оди во директен воен конфликт со Израел е јасно привлечна за растечкото пркосно расположение на отпор што се развива кај палестинската младина. Младината сака акција, а не зборови или договори кои служат само да ја ослабат нивната кауза и да ја зајакнат контролата на ционистите. Во исто време, ционистичката држава, со Нетанјаху на чело, исто така се регрупира и го користи сегашното сценарио за да го подигне национално лудило против Палестинците, користејќи го ова за да ги повлече зад себе дури и оние слоеви кои претходно масовно се мобилизираа против десницата.
Израелското населените повторно е вовлечено за поддршка на ционистичката држава и окупација. Движењето кое што беше против владините судски реформи е суспендирано. Групата на ветерани кои се бореа против Нетанјаху и одбиваа да служат како резервисти „Achim le’ Neshek“ („Вооружени браќа и сестри“) изјавија: Ве повикуваме сите кои сте потребни без размислување да застанете во одбрана на Израел.
Сепак, има неколку критички гласови кои заземаат храбри позиции и ја осудуваат одговорноста на владата во оваа криза. Друга организација на израелски ветерани „Кршење на тишината“ (Breaking the silence), осудувајќи го Хамас, истакна: „како нашата расистичка влада нe’ доведе до оваа точка“. Офер Касиф, израелска пратеничка на левичарската Хадаш, изјави: „Ќе продолжам да ја кажувам вистината: исклучете ја бруталната, криминална опсада на Газа и режимот на еврејскиот расизам, тие (владејачката партија) се одговорни за крвопролевањето и само нивниот крај ќе ни донесе на сите безбедност, мир и подобра иднина“.
Како и да е, не се доволни само осудувачки зборови. Само револуционерен дух и иницијатива на палестинскиот народ во Западиот Брег, Источен Ерусалим, како и во Газа и Израел е клуч за успешна борба со окупаторот. Исто така и арапското населените во соседните држави игра голема улога. Поддршка за палестинското национално ослободување прво значи промена на реакционерните про-имеријалистички режими во Египет, Саудиска Арабија, Катар, Јордан итн.. Набројаните буржоаски режими на ваков или онаков начин го поддржуваат моменталниот status quo и не сакаат револуционерен сентимент кој би ги отфрлил од власт. И затоа само вербално „ја поддржуваат“ борбата на Палестинците.
Меѓународната солидарност на младината и работничкото движење е исто така клучна во одредувањето на исходот од оваа криза, под услов таа да не се заснова на апстрактни повици за „мир“ и „смирување на тензиите“. Децениските резолуции на ОН и меѓународните договори не ја унапредија каузата за националното ослободување на Палестинецот ниту еден чекор. Всушност се случи спротивното, тие и дозволија на израелската држава да окупира се’ поголем и поголем дел од палестинската земја.
Движењето мора да биде засновано на принципите: