Дали е ова крај на глобализацијата?

Извршниот одбор на Блекрок во мај 2022 објави дека „руската инвазија на Украина стави крај на глобализацијата што ја имавме последниве триесет години“. И тој беше во право. Војната во Украина ги заостри конфликтите што се крчкаа меѓу големите сили некое време.

[Source]

Потребно е објаснување за овој развој на настаните. Буржоаските коментатори ја оплакуваат страшната судбина  и кратковидноста на политичарите. Но, нема никаква корист од ова цмиздрење. Светот не се разбира како „политички преференци“ (на англ. Policy choices) и друга бескорисна терминологија. Напротив мораме да се обидеме да го разбереме контекстот во којшто се развиваат слободната трговија (што е реалната содржина на глобализацијата) и протекционизмот. Глобализацијата треба да се разбере како процес започнат од одредени услови, услови што веќе ги нема во светот.

Како светската трговија го трансформираше светот

Глобализацијата и слободната трговија беа во мода во раните 2000ти. Либералите и конзервативците заедно го обожаваат олтарот на Адам Смит. „Богатството на нациите“ го сметаа за најдлабоко дело некогаш напишано.

Нивното почитување на слободната трговија имаше одредено оправдување. Светската трговија го трансформираше светот и тоа кон подобро. Производствените сили излегоа од тесните граници на националната држава. Светот стана повеќе поврзан меѓусебно на начин невиден до тогаш. Синџирите на снабдување ги поврзуваат нациите, индустриите и работниците низ целиот свет.

Со растот на слободната трговија порасна и продуктивноста. Индустријата во развиените стопанства произведуваше повеќе напредни добра, а дури и поранешните колонии почнаа да развиваат значајна основа за индустријата, посебно во Кина, се разбира, земја на којашто подоцна ќе се навратиме.

Светската трговија ги поевтини суровините со поместување на производството или екстракцијата кон тие места каде се најдостапни, како што предвиде Адам Смит. Зошто да не се копа железна руда во австралиските пустелии каде чини 30 долари по тон, отколку во Кина каде чини 90 долари по тон?

Исто така само со комбинација на сите ресурси можеше да се создаде модерната технологија преку слободната трговија. Да го земеме примерот со кобалтот. Половина од светските резерви и производство се наоѓаат во Демократска Република Конго. Една третина од светскиот никел се произведува во Индонезија, а половина од светскиот литиум се произведува во Австралија. Овие суровини се есенцијални компоненти на литиумските батерии.

Уште повеќе, со концентрација на производството во големи фабрики што му служат на светскиот пазар можат да се постигне огромниот ефект на размер на стопанства. На пример, подвижната лента на Фокскон Ајфон во Шенжен е способна за производство на 100 илјади ајфони дневно. Ова е големо надминување на раните години на капитализмот, кога производството се одвиваше од работници на рачни разбои со ткаење, се врз основа на силата на мускулите и вештината на самите работници.

За само 30 години кинеската економија целосно се преобрази. Бројот на работници вклучени во примарниот сектор (рударство, земјоделие и др.) падна од 60 на 34 отсто, додека уделот на индустриски работници се зголеми од 20 на 34 отсто, што значи дека Кина има сега најголем удел на индустриски работници во светот. Додадената вредност по индустриски работник во кинеската индустрија десеткратно порасна во американски долари помеѓу 1991 и 2019 година, иако останува само една петтина од тоа што го произведува работникот во САД.

Светската поделба на трудот огромно ја зголеми продуктивноста на трудот и овозможи производство на евтини стоки, вклучувајќи испорака на мобилни телефони низ целиот свет. Дури и во сиромашна земја како Индија, денес има 84 претплатници на мобилни телефони на 100 луѓе (од само 1 во 2001 г.). Ова огромно подобрување на продуктивноста во индустријата исто така му обезбеди зголемен удел на населението да посвети дел од работното време во услужниот сектор, здравство и образование, како и туризам и угостителство.

Во целиот период по Втората светска војна се случуваше огромна експанзија на светската трговија, почнувајќи од 1950тите и 1960тите, која продолжи понатаму. Во 1970тите односот на светска трговија со светскиот БДП беше 13 отсто – со други зборови, приближно осмина од сите добра и услуги се произведуваа за извоз. Во 1980, овој однос достигна 21 отсто. Во 1990, со мал раст кон 24 отсто, а во 2008 година достигна 31 отсто.

Политичкиот развој следуваше заедно со економскиот. Општата спогодба за царините и трговијата (ГАТТ) се формираше во 1947 година од 20 земји. Потоа следеа повеќе потписници на спогодби во 1950тите и 1960тите, па бројот на потписници се зголеми од 20 на 37 во 1959 година и 75 во 1968 година. Во времето кога се создаде Светската трговска организација (СТО) во 1994 година, ГАТТ имаше 128 потписници.

Самата СТО вклучи далеку повеќе трговски спогодби вклучувајќи ги и услугите; механизам за решавање на споровите; договори за заштита на интелектуалната сопственост итн. Просечно, трговските царини паднаа од 22% во 1947 г. на 5% во време кога се создаде СТО.

Ова значеше дека е возможна огромна експанзија на светската економија по Втората светска војна дури и ако отстапиш пред својата конкуренција или затвориш нешто од својата индустрија, поради севкупното зголемување на светските пазари кое ќе те оставеше значително подобар. Во овој период, динамиката на слободната трговија функционираше како што предвидоа Адам Смит и Дејвид Рикардо (кој ги доразви идеите на Смит). Големата доминација на САД над капиталистичкиот свет ја наметнуваше агендата на слободната трговија врз неподготвените учесници, подмачувајќи го целиот процес.

Во 1990тите, Интернационалната марксистичка тенденција (ИМТ) напиша документ во кој го опиша процесот:

„Факт е дека влеговме во сосема нова ситуација во целиот свет преку променетата улога на светската трговија. Огромниот развој на светската трговија во периодот од 1948 -1973 беше една од главните причини за подемот по војната на светскиот капитализам. Со тоа се овозможи капитализмот – делумно и привремено – да ги надмине главните бариери за развитокот на производните сили: националната држава и приватната сопственост. “ (види A New Stage in the World Revolution)

Ова е познато како глобализација, т.е. огромна експанзија на светскиот пазар за надминување на ограничувањата на националните пазари. Со други зборови: границите на националната држава.

Националната држава

Во оваа точна важно е да се истражи како националната држава се однесува спрема развојот на капитализмот. Појавата на капитализмот на историската сцена во светот ги надмина регионалните, феудални ограничувања и се создаде националниот пазар. Се надминаа особеностите на изолираните пазари во самите градови или регионалните центри, а цените се востановија преку конкуренција на ниво на нација помеѓу фармерите и компаниите. Овој национален пазар беше клучот на развитокот на капитализмот во првите векови од своето постоење.

Како што капитализмот ги развиваше производствените сили, конкуренцијата им отстапи на монополите. Рачните разбои им го отстапија местото на разбоите на струја, а „влезните бариери“ како што ги нарекуваат економистите, станаат поголеми. За да почнеш со ткаечница, сега беа недоволни работнилница и неколку рачни разбои, туку фабрика, парна машина и разбои на струја. Развитокот на производствените сили, т.е. развитокот на нови технологии и нивна примена во производството, речиси секогаш водеше кон поголема монополизација, т.е. концентрација на повеќе капитал во рацете на помалку капиталисти.

Кога монополите доминираа и го исцрпеа домашниот пазар, тие беа принудени да го извезат својот продукт. Тоа водеше до огромна експанзија на светскиот пазар и светската трговија. Сепак ова престана да биде доволно во одредена точна. Монополите исто така имаат потреба од извоз на нивниот акумулиран профит. Капиталот бара нови профитабилни инвестиции кои не се достапни на домашните пазари. Ова е почеток на извозот на капиталот.

Капиталот се извезува преку финансискиот капитал (банки, осигурителни компании итн.), што станаа доминантни на домашниот и светскиот пазар. Тоа е светот што Ленин го опиша во делото „Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“. Тоа е светот во којшто живееме денес, иако на повисоко ниво.

Ленин ги опиша тесните, ограничени бариери на националните ивици на производствените сили, што секоја капиталистичка нација се обидува да ги надмине. Затоа, како што се развиваа производните сили во 20 век светската трговија се развиваше се повеќе.

Последиците се неописливи:

„Интензификацијата на меѓународната поделба на трудот, смалувањето на царинските бариери и растот на трговијата, особено помеѓу развиените земји служи како огромен стимул за економиите на националните држави. Ова е во целосен контраст со расчленувањето на светската економија во периодот помеѓу војните, кога протекционизмот и конкурентските девалвации помогнаа рецесијата да се претвори во светска депресија.“ A New Stage in the World Revolution

Понатаму, подемот на периодот по Војната беше и причина и ефект на развитокот на светската трговија.

Протекционизмот

Протекционизмот, поларната спротивност на слободната трговија, се разбира постои низ историјата на капитализмот, и со многу добри причини.

Британската индустрија до средината на 19 век беспрекорно владееше на светскиот пазар. Со користење на евтини стоки тие го завладеаја светот. Тоа беше ерата на британската слободна трговија. Тоа се одрази со доминација на политичката струја Вигс („либерали“, противници на Ториевците, заб. на прев.) во Британскиот парламент, како и одбивањето на царините за житото, познати како Закони за пченката. Според тоа храната за работничката класа беше поевтинета, па затоа газдите ги држеа платите ниски.

Сепак, доминацијата на британската индустрија почна да се заканува на другите нации чии индустрии не беа до толку развиени. Тие имаа потреба од некој вид заштита на нивните индустрии од британската конкуренција. Како што напиша Енгелс, овие нации „не ја гледеа убавината на системот со кој моменталните индустриски предности поседувани од Англија треба да се средство со кое ќе ѝ се обезбеди монопол на фабриките ширум светот и засекогаш.“ (Енгелс, „Француската трговска спогодба“, 1881 година)

Во Шведска на пример, се воведе систем на ограничување на извозот. Британските индустрии ги црпеа во големи количини суровините. Но снабдувањето на Британија со непроцесирано дрво, железна руда и други рудни богатства не придонесуваше во развојот на шведската индустрија. Затоа се ставија ограничувања на извозот на железна руда, сурово железо и дрво, со цел да се обезбеди дека преработката ќе се случи во Шведска. Кога шведската метална и дрвна индустрија пораснаа, ограничувањата се тргнаа, а Шведска влезе во спогодба за слободна трговија со Британија и Франција.

Слично, Конфедеративните држави (на Југот) што произведуваа памук за време на Граѓанската војна во САД беа адвокати на слободната трговија. Тие сакаа ниски царини да го извезуваат памукот во Англија. Индустрискиот Север од друга страна фаворизираше заштитни царини за заштита на својата индустрија од англиските. Ропството затоа беше поврзано длабоко со економската назадност и слободната трговија. И повторно, кога САД ја разви својата индустрија, нејзината буржоазија стана огромен поборник на слободната трговија.

Сепак, овој развиток кон слободната трговија не течеше во една насока. При крајот на 19 век, британската индустрија се соочи со тврда конкуренција, особено од Германија и САД. Тоа предизвика поместување на политиката во Британија. Ториевците се вратија на власт, а туркаа политика на протекционизам. Она што беше познато како „империјално претпочитување“ беше средство за примена на протекционизмот. Тоа ги зафати и британските колонии со приоритетни спогодби за трговија внатре кон Британската империја. Ова политика посебно беше насочена против САД и Германија.

Ова политика се совпадна со свртувањето кон ограбувањето на земјата во колониите. Ленин го објасни ова во делото Империјализмот. Оваа конкуренција помеѓу монополите прерасна во конкуренција помеѓу нациите. Во 1900тите, империјалистичките нации го поделија светот помеѓу себе, а секое понатамошно проширување можеше да се случи само како штета врз империјалистичките нации. Растечките контрадикции помеѓу капиталистичките нации – нивната битка за пазарите за добра и инвестиции – водеа кон зголемени тензии во меѓународните односи.

Бидејќи Германија имаше мал удел во колониите, нејзината индустрија се опираше против ограничувањата наметнати врз неа поради недостатокот од колонии и пристап до колониите на другите нации. Германската буржоазија имаше потреба и бараше повторна поделба на светот, во сразмерност со економскиот развиток на новата Германија. Кога бумот од крајот на 19 век и почетокот на 20 век заврши, контрадикциите се претворија во светска војна.

Затоа постои блиска врска помеѓу економската криза, протекционизмот, кризите во меѓународните односи и војната. Треба да запомнеме дека како што истакна Клаузевиц, војната е продолжеток на политиката со други средства. А, како што Ленин напиша, политиката е само концентрирана економија.

Првата светска војна не реши ниту една од контрадикциите на светската економија. Само ги нагласи, а по војната, се зголеми протекционизмот. Британија воведе „империјални преференци“ во 1932-33, со што политиката на колониите ја направи иста како и на островото. Во 1933 г. Претседателот Хувер го воведе Законот за купување американско, со кој се предвиде владините подизведувачи да купуваат американски производи. Слична политика беше воведена насекаде во светот, а со тоа се придонесе во драматичниот колапс на светската трговија за околу 30 отсто во трите години по колапсот во 1929 година.

Адам Смит кажа дека протекционистичките нации се „питачи – нека бидат соседите“, т.е. ги претвораат соседите во сиромаштија. Смит ги опиша обидите да се реши рецесијата и невработеноста со нивно извезување, со поместување на потрошувачката на домашни произведени добра. Се разбира, во рецесија, а особено депресија, овие противречности се засилени затоа што пазарите што се стеснуваат создаваат повеќе празни фабрики.

Раст на протекционизмот

Кризата од 2007 и 2008 навистина ја оконча понатамошната експанзија на слободната трговија. Преговорите во Доха на СТО беа проблематизирани, но кризата ги доврши. Со преговорите требаше да се допре прашањето за субвенциите во земјоделството во Европа и САД. По пропаста на преговорите, се направија половични обиди за нивно обновување. Наместо тоа, започна процесот на срозување на светската трговија.

Враќањето на протекционизмот честопати му се препишува на Трамп, но тој беше само следниот логичен чекор. Обама го лансираше слоганот „Купувајте американско!“ во 2009 г. Законот за купување американско остана правосилен од 1933 год., но се разводни со разните спогодби на ГАТТ, НАФТА и Спогодбата за Владини јавни набавки. Обама го засили со неговиот Закон за закрепнување од 2009, а можеше и да отиде подалеку со Законот за работни места од 2011 година, да не го спречеа републиканците со блокирањето. И двата закона беа сериозно критикувани од страна на ЕУ и Канада за поткопување на слободната трговија.

Трамп, се разбира, воведе низа протекционистички мерки, особено околу челикот, но тој остана ограничен поради обврските со СТО. Бајден отповика неколку од овие мерки, особено против Европа, Јапонија и Канада. Секако, далеку од тоа да го напушти протекционизмот, тој вети дека ќе ги „осовремени“ правилата на СТО, односно мислеше да ги разводни и да им се даде на САД повеќе простор за протекционистички мерки. Европската Унија, од познати причини, воопшто не беше ентузијаст за овој предлог.

Бајден донесе Закон за намалување на инфлацијата (ИРА) со што го следеше преседанот на Обама. За да се добие дозвола за субвенција при купувањето на твојот електричен автомобил, требаше да се купи автомобил „направен во САД“. Слично, инвестициите во Зелена Енергија мораа да се согласни со условите за Законот за купување американско, т.е. тие мораа да ги увезуваат суровините во САД. Ова беше вжештена тензија помеѓу САД и ЕУ, која сметаше дека САД ги дискриминира своите пред другите „сојузници“. Макрон повика на донесување на „Законот за купување европско“, но иако Германците имаа помалку остар приод, тие во секој случај ги притискаа САД за концесии.

Германскиот Канцелар Шолц во свој препознатлив дипломатски стил напиша во Форин Аферс (види на англ. Foreign Affairs):

„Јас верувам дека сме сведоци на крајот на особената фаза на глобализацијата, историско поместување забрзано од, но сепак не целосно резултат на надворешните шокови како пандемијата на КОВИД-19 и руската војна во Украина“.

Со други зборови, глобализацијата како што ја знаевме е готова, а и нема да се врати онаа старата, прецизно зошто не е резултат само на војната во Украина или пандемијата.

Паралелно со економските сили што влечат кон протекционизмот, исто има политички чинители поврзани со влијанието на кризата врз работниците ширум развиените земји. Притисоците од невработеноста, нападите на платите и животните услови итн. создадоа широкораспространето незадоволство помеѓу работниците.

Традиционалните буржоаски партии се најдоа во состојба да немаат што да понудат освен повеќе напади и штедење. Единствениот начин да се најде основа во оваа ситуација е да се придвижат кон десно, и кон национализмот, а тука е и економскиот национализам. Мавтањето со знамиња, сентиментот против имиграцијата и протекционизмот oдат рака под рака и се единствениот начин буржоазијата да состави електоралната база.

Најдобар пример за тоа беше Трамп. Тој зборуваше за обнова на позицијата на „американската работничка класа“ со рестрикција за имиграцијата и надворешната трговија – комбинација од политиката (според зборовите на Адам Смит) за „правење на соседот питач“; задржување на индустријата дома; држење на масите надвор во сиромаштија од империјалистичките војни и економското ограбување. Барем таков беше неговиот обид.

Растот на Кина

Друг притисок е растот на Кина. Економскиот развиток на Кина беше огромен благодет на светската економија. Отворањето на економиите на светскиот пазар – во Источна Европа, но особено Кина – беше клучен чинител за одолговлекување на бумот во 1990тите и раните 2000ти.

Тоа што го гледаме како индустриски развиток на светско ниво во последните 30 години главно се случи во Кина, која исплива како нова светска сила. Од средината на 1990тите продуктивноста на трудот во Кина растеше од 7 до 10 отсто годишно.

Откако првично го поздравија економскиот успех на Кина, а и се потпреа на Кина при закрепнувањето од падот во 2008 година, САД и ЕУ почнаа да се плашат од кинескиот раст. Тие почнаа да забележуваат како кинеските компании сериозно се интересираат во патентите и интелектуалната сопственост. Ова беше случај од земјоделието до електрониката. Кинеските компании како Леново, Џиили и Хуавеи исто така почнаа да купуваат акции на Запад. И тогаш западните сили се загрижија.

Веќе при претседателството на Обама, имаше гласини за „Пивот кон Азија“, но по објавата на „Направено во Кина 2025“ во 2015 година, квантитетот се претвори во квалитет. Кина стана сериозна грижа и за време на Трамп кога сериозно се обидоа да го зауздаат растот на Кина.

„Направено во Кина 2025“ беше објава кон светот дека Кина не произведува само мебел и облека, а склопува електроника. Сакаше да се натпреварува во најразвиените технолошки сектори и да ја намали зависноста од странските снабдувачи.

Кина има огромно население, а вредноста на вкупниот излез од нејзината економија се доближува до тој на САД. Модернизацијата на кинеската индустрија ја направи Кина една од најголемите индустриски нации. Сепак, Кина заостанува многу зад другите. ММФ проценува дека просечната продуктивност на труд во индустријата е 35 отсто од глобалните најдобри практики.

Само во најнапредните области, како градовите околу делтата на Бисерната Река (Џуџанг), Шангај или Пекинг, имаме БДП пер капита споредлив со Шпанија или Португалија. Кина не може да се рамни со развиените империјалистички држави како Германија, Јапонија или САД, но ги изрази своите амбиции да стане таква.

САД сега ги впрегнува своите економски и дипломатски сили да ги запре земјите да извезуваат клучни компоненти во Кина и да купуваат технологии како 5Г од Хуавеи. Исто така си зеде задача на „ослободување“ на своите синџири на снабдување и на тие кои и’ се блиски сојузници од Кина.

Многу од нејзините сојузници не се убедени во пристапот на САД. На пример, Шолц, спротивно на желбите на САД, реши да ја посети Кина и Си Џинпинг. Тој беше убеден да ги разреши германските спорови со Кина независно од САД. Макрон има сличен приод, а во комуникето на „спогодбата“ по неговата посета со Бајден, забележливо не ја спомна Кина.

Помалите европски сили се несреќни како САД се справува со конфликтот со Русија: со виткање на рацете за да преземат мерки кои имаат ограничено влијание на економијата на САД, но имаат многу штетно дејство врз европската индустрија, а особено германската. Еден анонимен постар службеник на ЕУ го нарече ова „историски спој“ на односот САД-ЕУ (види англ. Europe accuses US of profiting from war – POLITICO). Европските сили не успеаја да ја видат мамката на уште една трговска војна во којашто мораат да се потчинат на диктатот на САД.

Во исто време САД и тoa како се способни да преземат унилатерална акција, а и продолжуваат така да прават. Тие наметнуваат нова легислатива, не само на американските компании, туку и на секоја друга компанија во светот. Неодамнешната забрана за извоз на машини за да се произведуваат полуспроводници во Кина е еден таков пример. Слично, во својата блокада против Куба, САД бараа унилатерална согласност од компаниите во Европа, Тајван итн. или се ризикуваа санкции како одговор.

Светскиот најголем производител на полуспроводници во Тајван се нарекува ТСМЦ. Сега тој мора да бара дозвола од власта на САД да увезуваат машини во своите фабрики во Кина. Најголемиот таков производител е АСМЛ, холандска компанија. Холандската влада сега е во преговори со САД за дополнителните бариери што се наметнати за извезувањето во Кина. САД во основа ги применува сопствените методи на „конкуренција“ со Кина врз своите сојузници.

САД останува да биде супер сила, а како што британската флота во 1914 г. имаше политика на одржување на својот поморски капацитет поголем од двата најголеми конкурента заедно, така и САД троши многу како следните 10 држави заедно во своето наоружување, или 2.7 пати повеќе од Кина којашто е на второ место. Во минатото, оваа сила служеше за одржување на слободната трговија. Но со тек на времето таа денес се користи за сосема спротивното.

Ова свртување во САД има важни последици. За разлика од минатото своите сили не ги користи за одбрана на општите интереси на капиталистичката класа против Советскиот Сојуз или светската револуција туку своите тесни интереси се насочени кон другите главни сили. Со тоа ја зазема улогата на сила којашто е во пад, којашто се обидува да се заштити од конкуренцијата, нешто што го правеше Британија на крајот на 19 век.

Би било погрешно да ја гледаме политиката на протекционизам само до гледна точка на САД. Европската унија исто така има интерес да се спротивстави на кинеската конкуренција. Имаат и тие Закон за чипови, нивен обид за да се заштитат фабриките за литиумски батерии и така натаму. Кинеската влада ги ограничи новите протекционистички иницијативи, но постојат многу поплаки за неофицијалните мерки што ја отежнуваат ситуацијата на Западните компании што работат во Кина.

Сите овие конфликти само се заоструваат под тежината на настаните. Ова ќе има важни последици. Барањето на нови синџири на снабдување за да се избегнат Русија и Кина ќе биде страшно скапа операција. Обидот да се премести производството на микрочипови значи инвестиција од 300 милијарди долари на литографски системи од ТСМЦ, Интел и Самсунг. Според АСМЛ, ТСМЦ веќе најави инвестициски план од 100 милијарди долари. Откако ќе се постават овие нови фабрики ќе мора да се заштитат од странската конкуренција со царини и други мерки. Ова е особено важно затоа што тие планираат да го надминат плафонот на побарувачка на светскиот пазар на полуспроводници, со последици во цените. И така протекционизмот го храни протекционизмот.

Ова ќе има долгорочни последици на инвестициските нивоа. ММФ проценува дека секој процент на намалување на царините резултира со 0.4 процентни поени пораст во инвестициите, затоа што поевтинува машинеријата. Е сега, зголемениот протекционизам ќе води кон поскапа машинерија и според тоа помалку инвестиции.

Во оваа турканица светската трговија нема да изумре. А може ли? Но ќе биде многу поскапа, а тоа ќе води кон поскапи добра т.е. кон инфлација. Тоа ќе мора да се спречи со дигање на каматните стапки и обид да се олади економијата, нешто со што ќе се предизвика рецесија.

Па зошто така прават, би запрашал некој. Ова прашање нон-стоп го поставуваат либералните медиуми. Сепак тешко е дека ќе ја пронајдат причината. Прво, токму политиката на слободна трговија нѐ доведе до оваа точка. Слободната трговија ја продолжи и исто така ја заостри оваа криза. Ниту слободната трговија ниту протекционизмот можат да ги решат противречностите на капитализмот.

Второ, при значително влошени економски услови, владите се обидуваат да пронајдат некој начин на стабилизација на политичкиот систем и осигурување дека главните монополи ќе ја надминат или барем ќе се одржат над конкуренцијата. Тие се обидуваат да купат време, барем доколку дојде до револуционерни промени на режимот, да не биде тоа нивниот режим. И баш затоа што сите играат на ист начин тие ја уништуваат ткаенината на светската економија, а како продолжение, и целокупниот капиталистички систем.

Кои се ставовите на марксистите?

Пазарот, или „невидливата рака“ имаше историски прогресивна улога, но јасно е дека не е повеќе така. За нас не е прашање на поддршка на слободната трговија против протекционизмот. Не е наша задача да го вратиме времето назад во 2006 година или дури 1967 година.  Целата криза покажува неспособност на капитализмот да го повлече човештвото напред, а во својот сенилен пад, капитализмот уништува многу од придобивките што се направени во минатото.

Тој ги уништува синџирите на снабдување, тој ги уништува системот на меѓународни односи, тој не враќа кон војните, милитаризмот и сиот тој губиток на економски ресурси и човечки животи. Нашата задача е да објасниме зошто ова се случува и како ниту една страна нема да реши ништо со нивните мерки.

Мора да разбереме дека протекционизмот е слепа улица. Целиот развиток во последните 80 години покажува за севкупно реакционерната утопија на „социјализмот во една земја“. Ние сме една Земја, поврзани сите заедно и има големи предности за нас во споделувањето на искуства, технологии и ресурси. Социјализмот ќе биде изграден на основите на трговија и интернационализам, не со принуда на продуктивните сили во лудачката кошула на националната држава.

Слободната трговија и либерализацијата повеќе не можат да нѐ однесат напред, додека свртувањето кон протекционизмот само ќе ги влоши стварите. Како социјалисти, марксисти и револуционери гледаме на падот на глобализацијата само како на уште една фаза на кризата на системот како целина. Гледаме на големите добробити на светската трговија, но овој пат е веќе готов. Само на основа на преземање на власта од страна на работничката класа можеме да поставиме потворно светска трговија и светски односи на здрава основа. Ќе се подготвиме за овој огромен чекор напред.

автор: Никлас Албин Свенсон, 6 јануари 2023

Погледајте го оригиналниот текст на англиски јазик: Is this the end of globalisation?