Уште една бомба без преседан го потресе веќе поларизираниот свет на американската политика и класната борба. Протечениот внатрешен меморандум подготвен од судијата на Врховниот суд Семјуел Алито, ја опишува основата за судско поништување на Роу против Вејд, историската одлука од 1973 година која пресуди дека Уставот на САД ја штити слободата на бремените жени да направат абортус без прекумерни владини ограничувања. Сега, како дел од циничното маневрирање на еден сегмент од владејачката класа за пренасочување на класната борба во таканаречената „војна на културите“, она што би требало да биде основно демократско право преку ноќ се фрла во отпад.
[Source]
Аргументот на Алито е едноставен. Бидејќи прашањето за абортусот не е експлицитно наведено во Уставот како дел од овластувањата на федералната власт, абортусот треба да се регулира на ниво на поединечните држави. Роу против Вејд е, според тоа, „неверојатно лоша“, „исклучително слаба“ и пред сè, неуставна одлука, без оглед на личните ставови на судиите за или против абортусот. Толку од правниот преседан!
Фактот дека ова мислење кое било чувано во строга тајност e изложено во јавноста од страна на непознати лица е јасен израз на длабоките поделби во врвовите на општеството, бидејќи владејачката класа се распарчува себеси барајќи начин да ги маскира брчките на вродените противречности на нивниот систем. Ова е знак на слабост, а не на сила на бранителите на капиталистичкото статус кво. Но, тоа не го менува фактот дека практично преку ноќ, десетици милиони жени кои живеат во повеќето американски држави ќе бидат втурнати во варварството од претходниот век.
Без федерална заштита на ова основно право, бремените жени кои би избрале да направат абортус би биле принудени да се потпрат на небезбедните и нерегулирани даватели на услуги, ризикувајќи ги своите животи, заштеди и егзистенција за пристап до процедурата. Се разбира, богатите жени можат да најдат начин да ја прекинат бременоста, било со патување надвор од државата или од земјата колку што е потребно за да платат за висококвалитетни приватни лекари. Но, за сиромашните и работничките жени, тоа е сосема друга приказна. Ова е мрачната реалност со која се соочуваат милијарди жени ширум светот. Но, дури и во најбогатата земја на земјата, силите на капиталистичката реакција се закануваат да го вовлечат општеството во мрачно доба.
Иако ова е посебно жесток напад врз жените од работничката класа, во основа ова е напад на сите работници и на основните права. Апсолутно ништо не е загарантирано за работничкото мнозинство ако ја оставиме нашата судбина во рацете на непријателската класа. Време е да се извлечат тешки лекции и да се вратиме на основната премиса на работничкото движење – повредата кон еден е повреда кон сите!
И покрај нивното перчење околу прашањето за правата на жените, Демократите одиграа погубна улога во регресијата на правата околу и пристапот кон абортус во последните неколку децении. На пример, во 1973 година Бајден рече дека не верува дека „жената има единствено право да каже што треба да се случи со нејзиното тело“. И во 1977 година, тој ја искористи својата политичка моќ за да го блокира федералното финансирање на абортуси конкретно во случаи на силување и инцест. За време на нивните предизборни кампањи, и Обама и Бајден ветија дека ќе го претворат правото на абортус во закон – но не успеаја дури и кога Демократите ги контролираа Домот на репрезентативци, Сенатот и Белата куќа.
По децении „играње според правилата“, треба да биде кристално јасно дека играта беше наместена од самиот почеток. Дека случајот Роу против Вејд е во опасност да биде поништен треба да ги уништи сите илузии за Врховниот суд, Уставот, демократите и целата структура на американската буржоаска демократија. Тоа се институции на класата на експлоататори и угнетувачи чии интереси се дијаметрално спротивни од работничките. Ова е резултат на потпирањето на буржоаската законитост наместо на класната борба. Ова е плод на „избирање на помалото зло“ и класната соработка. Одговорот не е да се бориме за „помалку“ зло за работничката класа туку да се стави крај на сите зла на класното општество! Патот напред не е преку соработка меѓу класите, туку преку класна независност и формирање на масовна работничка партија.
Правото на човек да избере што да прави со своето тело е основно демократско право. Во таа смисла, ние го браниме случајот Роу против Вејд. Но, таквото право не треба да зависи од неизбрани судии, судови и други функционери, или од субјективното, променливо толкување на документ стар повеќе од 200 години склопен од богати бели мажи, сопственици на имот за да им се удоволи на малцинство кое поседувало робови. Понатаму, ние сакаме повеќе од „правото“ на абортус. „Правото“ да возите 12 часа до најблиската клиника за абортус за да платите за скапа процедура покрај губење на платата или дури и вашата работа не е вистинско „право“. Ова е причината зошто ИМТ се бори не само за целосни репродуктивни права вклучувајќи го и абортусот, туку и за универзален пристап до такви услуги доколку се изберат, во безбедни услови, во болници, бесплатно на местото на услугата како дел од систем на национална, социјализирана здравствена заштита.
Дали треба да излеземе на улица во знак на протест и да го искажеме својот гнев? Дали работничките водачи треба да ги мобилизираат своите членови да ги поддржат нашите класни сестри кои се нападнати? Недвосмислено, да. Но, протестирањето нема да биде доволно. Правата се толку силни колку хартијата на која се напишани, освен ако не се поддржани со сила – во овој случај, од мобилизирана работничка класа која се бори за политичка и економска моќ. Ако навистина се сериозни за одбраната на своите членови и останатиот дел од работничката класа, лидерите на работниците ќе свикаат генерален штрајк и ќе ги вложат сите свои ресурси за да го направат тоа. За жал, тоа нема да се случи наскоро. Сепак, тоа е перспективата за која мора да се бориме.
Вестите за мнозинската позиција на Врховниот суд се гласен повик за будење за сите работници. Ова е „новата нормала“ на животот во капитализмот – во реалноста, враќање кон „старата нормала“ – живот надополнет со грчеви на неизлечиво болен систем што може привремено да се спротивстави на неговото надолно лизгање само со уништување на сите придобивки добиени во минатото преку класна борба. Така што мораме да протестираме, но пред сè, треба да се подготвиме за класна борба, класна војна и социјалистичка револуција. Патот нема да биде лесен, но нема поблагородна кауза – и нема алтернатива.
објавено на 4 мај 2022 во Сошалист Револушн Socialist Revolution
превод на Supreme Court Assaults Abortion Rights—Fight Back With Class Struggle!